Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи во просториите на Секретаријатот за европски прашања се сретна со делегација на Комисијата за европски прашања при германскиот Бундестаг.

Вицепремиерот Османи, соопштија од неговиот Кабинет, изразил благодарност за континуираната поддршка и посветеноста на Германија за европските интеграции на земјите од Западниот Балкан, особено истакната преку иницијативата на „Берлинскиот процес“, но и за директната билатерална поддршка што Република Македонија ја добива од Германија.

- Имајќи ја предвид политичката поддршка, како и финансиската и развојна поддршка на Македонија, Германија ја сметаме за земја пријател и партнер во процесот на европските и евроатлантски интеграции на земјава, посочил Османи.

Тој истакнал дека оваа средба се одржува во исклучително важен момент т.е. непосредно пред објавувањето на Извештајот на ЕК за состојбите и напредокот на Македонија на евроинтегративниот пат, потенцирајќи го фактот дека и во овие последни денови се прават последните напори за целосна имплементација на Планот 3-6-9.

Османи изразил надеж дека согласно посветеноста на Владата на ЕУ Агендата и исполнувањето на реформите во клучните области, ќе има силна рефлексија врз Извештајот од страна на ЕК, за кој се очекува позитивно да ја одрази состојбата во Македонија и да препорача чиста и безусловна препорака за почеток на преговорите.