Лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошковски и официјално влезе во кабинетот на премиерот Заев како посебен советник за странски инвестиции.
Од владата велат дека од сите пријавени на огласот за посебни советници, во кој се бараше диплома од правните науки, активно познавање на англиски јазик и 5 години искуство во струката, Бошковски бил единствениот кој ги исполнил сите услови. Неговата плата ќе изнесува 50.000 денари.
Фидан Колев ќе биде посебен советник за транспорт и врски. Тој бил единствен кој ги исполнувал условите на објавениот конкурс.
Посебен советник за развој на мултикултурно општество, интеркултурализам и интеркултурните комуникации ќе биде Рубин Земон, кој бил прворангиран од пријавените кои ги исполнуваат условите на конкурсот.
Фатмир Битиќи е избран за посебен советник за спроведување на Рамковниот договор. Тој бил единствен којшто ги исполнувал условите на објавениот конкурс.
Посебен советник за млади и спорт ќе биде Ѓорѓи Тасев, кој бил единствен којшто ги исполнува условите на објавениот конкурс.
Позицијата посебен советник е врзана со мандатот на премиерот односно трае до истекот на неговиот мандат.