Македонија е во ситуација кога има зголемена динамика на разговорите за името. Власта говори за забрзан пат кон ЕУ и НАТО. Ова подразбира и многу работа за амбасадорите, а за министерството за надворешни работи дека треба да дава јасни насоки. Лани во декември се отвори темата, во јавноста се свртеа имиња, но оттогаш па до денес од надлежните молк на оваа тема. Неофицијално се стравувало дека за евентуалните предлози од Владата нема да имало зелено светло од претседателот Ѓорѓе Иванов. Официјално има два предлози за амбасадори тоа е за постојаната мисија при ЕУ во Брисел, Агнеза Руси-Поповска и за во Франција Јадранка Чаушевска-Димов.

Но, каква е ситуацијата со македонската дипломатска мрежа во моментов? Колку за илустрација, според информациите на веб страната на министерството за надворешни работи во Европа од 30 дипломатско-конзуларни претставништва, во 18 нема амбасадори. Или има 14 вршители на должност, во 3 амбасади нема ниту вршители на должност ниту амбасадори, а во една има само прв секретар.

Велика Британија, Франција се земји кои се центри, првата за проширувањето на НАТО, втората за Европската унија, а Македонија ја претставуваат вршители на должност.

Во САД и Канада има амбасадори.

Во седиштето на Обединетите нации под чие покровителство се преговорите за името Македонија нема амбасадор.

Од другите мисии на мултилатералата, во ЕУ има вршител на должност, а во НАТО има амбасадор.

Според Љупчо Арсовски, прв дипломатски претставник на Македонија во Грција, дипломатската мрежа со професионален квалитет, капацитет, опременост, стучност е многу значајна од повеќе аспекти, пред се за доброто на сите граѓани на Република Македонија, за нејзината безбедност, економска компонента е особено важна, и секако ја одразува и нашата почит кон државата каде имаме дипломатска мисија.

-Се наоѓаме во специфични моменти од развојот на Република Македонија врзано за односите со соседите, потоа претстојните активности врзано за отвореното прашање наметнато од јужниот сосед кое е во тесна врска и со нашите активности на патот кон евроатлантските асоцијации и бројни, бројни други прашања кои се наметнуваат секојдневно во зависност од тоа каде се наоѓа дипломатската мисија. Несоодветен ранг, со несоодветен избор на кадри со крајно намален оперативен состав во една мисија значи е еднакво на резултат од „позитивна нула“, вели Арсовски за Макпресс.мк.

Тој објаснува дека во дипломатската пракса постојат неколку типови на дипломатија, а тоа е врзано за фактот дали земјата се потпира на професионална или на партиска дипломатија и секако на мешан систем. Според него „нашата дипломатија е одамна малку или повеке партизирана, а тоа е моментот кога во 2006 година се изменија членовите од Законот за надворешни работи кои предвидуваа во дипломатијата од амабасадорскиот состав 75% да се од редот на кариерните дипломати и 25% од јавната или научната и културната сфера“.

-Измената беше драстично направена (на сила) со заеменети бројки, па така се определи 75% од највисоките дипломатски преставници да се од јавната сфера (читајте партиски определни личности) и 25% од МНР. Податоците кои се во реалноста се уште понеповолни или едноставно кажано се работи за крајно загрижувачка ситуација. Имате амбасада која ја води трет секретар, или се поставуваат пак министри советници (за кои не е потребна согласност односно потпис за агреман од претседателот на Република македонија) кои никогаш не раководеле со директорати во МНР. Кој може да му биде соговорник на трет секретар, сега промовиран во в.д. шеф на дипломатска мисија.Дали шефот на државата, премиерот и министерот за надворешни работи на земјата на приемот, а за колегите претежно кариерни дипломати - амбасадори со долг стаж, воопшто да не зборуваме, изјави Арсовски.