Група граѓани имаат право да се организираат, но да го остварат истото на начин предвиден во Законот. Според Законот, останува спорен називот, паралелизмот, како и целите кои не се во функција на развој на верската заедница што сакаат да ја регистрираат, туку во функција на трајна автономна зависност кон странска верска заедница, на покраинско ниво, нагласува во изјава за МИА директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи, Дариан Сотироски.

Тој наведува дека Законот за парнична постапка во Членот 400 ја утврдува понатамошната постапка за таков случај.

- Странката може да да поднесе вонреден правен лек барање за повторување на постапка пред првостепен суд во Скопје, вели Сотироски.

Посочува дека Европската конвенција за човекови права како правен акт врз чија основа одлучува Европскиот суд за човекови права предвидува генерални прокламации за неприкосновеното право за верско убедување и организирање на човекот.

- Сепак, начинот, условите и постапката за регистрација на верска заедница се пропишуваат со позитивно правните прописи на Република Македонија, односно Законот за правна положба на црква, верска заедница и религиозна група, вели во изјавата за МИА директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи.

Совет на Европскиот суд за човекови права во Стразбур ја одби жалбата на Владата на Република Македонија, со што претходно донесената пресуда за регистрација на Православната Охридска Архиепископија стана правосилна, соопштија од ПОА.

Во февруари 2018 година, Владата на Република Македонија се жалеше пред големиот Совет на тој суд, во однос на донесената пресуда. Според одлуката по жалбата, Македонија треба да ја регистрира ПОА како формална црковна заедница.