Пред точно 20 години почна мировната конференција за ситуацијата на Косово и Метохија во францускиот дворец Рамбуе.
Епилогот е познат – после 17 дена преговорите пропаднаа, а на 24 март 1999 година почна НАТО бомбардирањето на Сојузна Република Југославија.
На разговорите присуствуваа претставници на југословенските власти и косовските Албанци, со посредство на амбасадорите на САД, Русија и ЕУ, Кристофер Хил, Борис Мајорски и Волфганг Петрич.
На почетокот на конференцијата претходеа месеци на „шатл дипломатија“ на американскиот дипломат, по што следеше објавување на предлогот на мировниот договор, на чија содржина Белград и косовските Албанци имаа серизони забелешки.
На церемонијата на отворањето, освен делегациите на Србија и косовските Албанци, присуствуваа и копретседателите на конференцијата Ибер Ведрин и Робин Кук, тројца посредници, а собирот официјално го отвори тогашниот француски претседател Жак Ширак.
– Ве повикувам да овозможите силите на животот да триумфираат врз силите на злото. Светот ве набљудува и чека. Ретки се моментите кога историјата е во рацете на само неколку луѓе. Тоа е случеј денеска кога ги заземавте местата на оваа преговарачка маса, рече тогаш Ширак.
Според општа оценка, амбициозно замислената и помпезно најавувана мировна конференција во Рамбуе, беше закажана прерано и без адекватна подготовка, и однапред беше осудена на неуспех.
– Текстот на договорот од Рамбуе, со кој Србија е повикана да прифати НАТО трупи на своја територија, претставуваше провокација, изговор за почеток на бомбардирањето. Рамбуе не е документ кој би го прифатил некој Србин. Тоа беше лош дипломатски документ кој никогаш не требаше да се појави во таа форма, изјави некогашниот американски државен секретар Хенри Кисинџер за лондонски „Дејли телеграф“ во јуни 1999 година.
„Само еднаш на иста маса“
По цели 17 дена натегање во дворецот покрај Париз и само една заедничка средба на двете делегации, косовските Албанци, и покрај силниот отпор на претставниците на Ослободителната војска на Косово, начелно го прифатија договорот.
Контакт групата одлучи преговорите за решавањето на косовската криза да продолжат на 15 март во Париз.
Тогашниот шеф на делегацијата на Владата на Србија во преговорите за Косово Ратко Марковиќ изјави дека состанокот во Рамбуе „не дал резултати, затоа што не се почнало од темелите, туку од покривот“.
Делегацијата на косовските Албанци, која на општо изненадување, но и со голема поддршка од САД, ја предводеше до тогаш малку познатиот шеф на герилците Хашим Тачи, во принцип го прифати предлог договорот за решавање на косовската криза кој го предложи Контакт групата.
Главната причина за албанската согласност беше огромниот притисок од САД, но и фактот дека Србија однапред го отфрли планот на Хил за решавање на косовската криза.
Делегацијата на Владата на Србија, исто така, начелно го прифати предлогот но под услов да не се дозволи трупите на НАТО да поминат низ земјата и меѓународните сили на Косово да бидат под закрила на Обединетите Нации.
Следната рунда преговори за Косово почна на 15 март во Париз, а заврши со неуспех после само четири дена. Двете делегации на 18 март потпишаа различни договори.
Делегацијата на косовските Албанци потпиша договор кој го понудија меѓународните преговарачи, додека државната делегација на Србија потпиша сопствен предлог за политички договор – Договор за самоуправа на Косово и Метохија.
Ниту во последниот обид на 22 март, специјалниот пратеник на САД Ричард Холбрук не успеа да го убеди тогашниот претседател на Сојузната Република Југославија Слободан Милошевиќ да го прифати договорот за Косово и распоредување странски трупи во покраината.
Неуспешни разговори со југословенскиот претседател пред Холбрук, имаа и меѓународните посредници за Косово Мајорски, Петрич и Хил.
Два дена подоцна, на 24 март, НАТО почна да ја бомбардира СР Југославија, што после 78 дена резултираше со повлекување на југословенските сили од Косово и вопоставување привремена администрација на Обединетите нации во покраината.
Членовите на двете делегации само еднаш заедно седнаа на маса, а на чело на таа маса седеше американската државна секретарка Медлин Олбрајт.
Медиумите тие денови ја претставуваа како „нов Холбрук“, кој во Дејтон пушти европски дипломати да „си играат“ за потоа да ја преземе палката и да ја реши работата.