Градското комунално претпријатие „Комуналец“ од Кичево почна со чистење на коритото на реката Сушица. Машините засилено работат и според плановите, за неколку дена целосно ќе биде исчистено речното корито со што градската река ќе добие неспоредливо поубав лик.
– Започнавме со чистење на речното корито на Сушица. Го искористивме периодот кога времето е без врнежи, а тоа ќе овозможи работите да се одвиваат без застој. Ова е прво чистење на речното корито за оваа година. Во речното корито има доста трева, големи камења што ги донела реката по есенските и зимските интензивни врнежи од дожд и снег, но и ѓубре што го фрлаат во коритото неодговорните граѓани. Ако не се појават дополнителни проблеми, очекуваме што поскоро да заврши овој зафат, информираше Зенел Јонузи, директор на комуналното претпријатие.
Според најавите од општина Кичево, се очекува врз речното корито да се изведе целосна реконструкција со нови пешачки и велосипедски патеки, ново осветлување и други урбани содржини, а по завршувањето на овој проект и градот во целост ќе добие поубав изглед.