„Ол инклузив” секторот во каменото царство на Демиркаписката Клисура како вистинска атракција за алтернативните туристи, сериозно им конкурира на понудите што ги нудат други домашни и странски дестинации за уживање покрај планина, море или што уште не. Но тоа не е се. Тука е уште еден сектор за качување на клисурата што деновиве станува уште поактуелен и поинтересен затоа што во недела, токму на карпите од клисурата која грандиозно се издига над реката Вардар и токму по тој сектор, ќе се реализира прв натпревар по качување на карпи во зимски услови во стилот на Drytooling, со опрема, дерези и цепини. Се работи за секторот “Славко Диско”.

– На натпреварот се поканети качувачи, алпинисти, планинари кои имаат наполнето 18 години и се со минимално искуство за качување по карпи и немаат здравствени ограничувања за бавење со спорт. Со писмена изјава и во присуство на еден родител, ќе им се дозволи учество и на спортисти на возраст од 15 години па нагоре. Натпреварот ќе се одвива на насока утврдена од страна на судијата со горно осигурување( ТОП РОП). Резултатот ќе биде определен од постигнатото време и искачената висина на качувачот во определено време. Спортистите мора да имаат своја лична опрема (кацига е задолжително). Мора да се носат и алатки за мраз “бајли”, или по желба може да се искористат од организаторот Дисциплината “Dry-tooling” вклучува потенцијални ризици од повреди, кои можат да бидат последица на активностите на секој поединец, но и природните фактори. Организаторот е одговорен само за сигурноста на функционирањето при осигурувањето со сигурносното јаже на самата поставена насока за натпреварот. Одговорноста за сите други потенцијални закани за здравјето, животот и имотот на спортистите е нивна, за што тие потпишуваат изјава при регистрација, за МИА појасни Александар Кленов, организатор на овој адреналински натпревар, претседател на спортско качувачкиот клуб “Карпи за секој” од Демир Капија. На сите учесници, тој им посакува безбедно качување и уживање во природата во Демир Капија.

„Ол инклузив“ и „Славко Диско“ не се единствените сектори со необични имиња во тој своевиден рај на земјата за алпинистите и спортските качувачи. „Еротика“ и Хамбургерберг” се доказ за тоа.

– Можете слободно да уживате во сегашната состојба во кањонот Демир Капија, кој нуди воздишки во секое годишно време. Сега, по екстремни временски услови, погледот на кањонот драматично се промени. Како и сите промени во живот. Нешто станува подобро, нешто полошо, можеш да живееш, рече Кленов.

Нивото на реката е доста намаленао од предходната недела, рече човекот кој е меѓународно познат алпинист од Русија, а со своето семејство ја одбра за живот токму Демир Капија.

Тој информираше исто така дека Спортскиот клуб “Клисура” од Демир Капија во кој е исто така член, во соработка со општина Демир Капија веќе го организира и шестото продолжение на интернационалниот фестивал за спортови во природа “OUTDOOR 2019”, кој ќе се одржи во месец мај.

– Одржувањето на сите спортско-рекреативни и други активности во склоп на фестивалот ќе се случуваат во прекрасната и раскошна природа на територијата на општина Демир Капија.

Целта на овој голем настан е преку рекреативното спортување во природа и дружење и ширењето на позитивните вибрации да се постигне зајакнување на вредностите помеѓу младите, толеранција, почит на различности, еколошка свесност, здрав начин на живеење, креативен активизам и слично. Соработуваме со сите спортски федерации и клубови на планинари , велосипедисти, алпинисти, кајакари, параглајдеристи, извидници, спелеолози и сите љубители и почитувачи на природата и доброто незаборавно дружење, рече Кленов.

Од општината пак информираа дека деновиве се одржала средба посветена на туризмот на која покрај градоначалникот и директорот на Агенцијата за промоција и развој на туризмот во Ррепублика Македонија, биле присутни и туристички работници, претставници на спортски клубови и кординатори на културни и спортски манифестации. Било заклучено да се изготви катастар на сите ресурси во општина Демир Капија, природните, историските, духовните и научните. Тој катастар да послужи за изготвување на студија за развој на туризмот во општина Демир Капија, од која ќе произлезе акционен план и формирање на тим за реализација на тој план. Била дадена поддршка на активностите кои ги презема општината на туристички план, бидејќи, како што било нагласено, во економска смисла, туризмот стана петти елемент на економски развој во Република Македонија.