Одгледувањето на свилената буба во развојниот пат на Гевгелија во современа градска населба бил најпрофитабилниот бизнис од штo егзиситирало локалното население.
Филандрата за точење свила, позната меѓу гевгеличани како „Филатура“ се наоѓала во центарот на градот, до „Старата чаршија“, тогаш најпрометното трговско маало, и била сопственост на гевгелиските трговци, браќата Лазар и Јован Ралеви и на една трговска фирма од Скопје.
Свиларницата во Гевгелија, изградена во 1938 година, за тоа време имала најсовремени машини и инсталации, набавени од Грција и Италија. Според податоците до кои дојдовме, се состоела од една хала поделена на три дела од кои во првиот имало 46 легени за одвиткување, односно точење на кожурците, во вториот дел била администрацијата, а во третиот свилениот конец се навиткувал на штрингли.
Во филатурата имало 60 работници, претежно жени, кои годишно преработувале околу 18.000 килограми најдобар свилен конец. Гевгелија и регионот се спомнува како најголем производител на свилена буба на Балканот се до почетокот на Балканските војни, бизнис во кој биле вклучени сите членови на семејствата постари од 10 години.
На просторот каде се наоѓала свиларницата во Гевгелија денес е изграден станбено деловен објект, а како потсетник на едно минато време има останато мал дел со еден од оџаците што е ставен под заштита на културни споменици на Република Македонија.
Подоцна главна преокупација на населението од Гевгелија и регионот било земјоделството, односно одгледувањето раноградинарски култури и лозарството.
Покрај малкуте фабрички погони, претежно од преработувачката конзервна индустрија, денеска Гевгелија добива нов имиџ во растењето на казино бизнисот. Покрај трите големи казина „Аполонија“, „Принцес“ и „Фламинго“ во градот и на потегот до граничниот премин Богородица има уште десетина автомат клубови, а се градат и во најава за градба се уште неколку објекти поради што главно место за вработување на гевгеличани станаа казината и автомат клубовите. Другите бизниси и теми за зборување меѓу гевгеличани останаа на маргините.
Илија Манолов