Членовите на Државната Комисија за спречување на корупција, што беше избрана вчера првиот тест ќе го имаат со Претседателските избори нагласи министерката за правда, Рената Дескоска, на денешната трибина „Фер општество-шанса за сите“ во Штип. Смета дека моделот за избор на членовите е добар, бидејќи беше вклучена јавноста и експертите.

– Многу работи се исфилтрираа, многу работи се дознаа, во текот на тие интервјуа. Секогаш може да има простор за да се згреши во одредени ситуации. Но, составот, што го видовме вчера, јас очекувам да даде сериозен придонес во борбата против корупцијата. Со Претседателските избори сега првпат ќе биде ставена на тест таа Антикорупциска комисија, да се види дали се трошат буџетски средства во кампања или не, партиите од каде примаат донации за водење на кампања, како се трошат тие средства?Дали е фер натреварот или не? Сето тоа се прашања, што ќе бидат поставени пред Државната комисија за спречување на корупција и таа е таа што треба да даде одговор и да постапува, особено што тука има многу кратки рокови за одлучување и ќе ги видиме нивните одлуки, во текот на самата изборна кампања, рече Дескоска.

Таа се осврна и на новите закони кои треба да се донесат, кои се дел од реформите во правосудството. На судиите и на Судскиот совет им порача дека со новите законски измени нема веќе да бидат заштитени и да бегаат од одговорноста што ја имаат, а на управните судии ќе им се ускрати можноста постапките да траат долго.

Министерката за правда Дескоска очекува брзо да се реши проблемот со алките за изрекување на алтернативните казни затвор и домашен притвор, а од судиите очекува да почнат со изрекување на вакви пресуди. Во изминатите седум месеци, откако е на функцијата министер за првада, смета дека има напредок во овој сектор, бидејќи за неа успех е тоа што со новиот Закон за извршителите намалени се наградите за извршителите и нотарите, како и трошоците за граѓаните. Најави нов Закон за прекршоци, со што прво ќе има превенција, а потоа да се изрекуваат и глоби за фирмите, кои се поделени на мали, на средни и на големи фирми. Компаниите прво ќе се опоменат, а потоа ќе им се изрекуваат глобите, кои драстично се намалени. Малите фирми ќе имаат глоби од 50 до 2.000 евра.

– Кај средните и големите претпријатија минималната глоба ќе биде 250, а максиманата 10.000 евра. Тука сакам да потенцирам дека има одредени прекршоци, каде што во согласност со правото на ЕУ ќе може да се изрекуваат и повисоки глоби и тоа е за заштита на животна средина. Заради тоа што тука сакаме да потенцираме дека има поголемо добро, што го штитиме, рече Дескоска.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска на денешната трибина истакна дека е постигнат ефектот со минималните плати, а најави и нови државни субвенции за компаниите, кои ќе ја зголемуваат платата во текстилниот и кожарскиот сектор. Со донесувањето на законот за бенефициран стаж за рударите, посочи, на почетокот на годината со него во пензија заминале 55 рудари. Најави зголемување на социјалната помош за 300 отсто, но и одговорност на инстутициите, што за многу кратко време треба да ги вклучат лицата кои примаат социјална помош на пазарот на трудот.

Претседателката на Здружението „Гласен Текстилец“, Кристина Ампева упати прашање, дали тие како невладин сектор ќе бидат вклучени во потпишувањето на колективните договори и како ќе се решава недовербата кон трудовата инспекција, бидејќи, рече, има и одредени инспектори, кои се корумпирани и не си ја вршат работата.

Царовска со став дека во потпишувањето на колективниот договор за работниците ќе бидат вклучени и невладините, кои во изминатиот период им помогнаа во делот на пријавувањето на прекршоците од страна на работниците, како и на мобилизирање на инспекциските служби. Во своето обраќање на трибината се осврна и на мерките за младите, кои се предвидени и оваа година, со цел да ги мотивираат да отварат сопствени бизниси и да останат во земјава.