Штипската Клиничка болница набави нов современ апарат за Одделението за анестезиологија, кој ќе се користи за хируршки интервенции. Директорот на Клиничка болница – Штип, Ален Ѓеорѓијев, на денешната прес-конференција истакна дека станува збор за апарат, кој чини 40.000 евра, а средствата се обезбедени од буџетот на болницата.

-Знаеме дека Клиничка болница – Штип со години е регионален центар и сè повеќе растат потребите за поквалитена услуга на пациентите. Со овој апарат делумно ќе го ублажиме овој проблем и со новопримениот анестезиолог сметам дека ќе ја зголемиме бројката на интервенции, со што би функционирале подобро, отколку минатата година, вели Ѓеорѓијев.

Потенцира дека со ставањето на овој апарат во функција без проблеми можат да работат две хируршки сали.

Началничката на Одделението за анестезиологија, Јованка Стојменова, истакна дека новиот апарат има поголеми перформанси за инванзивен и неинвазивен мониторинг.

– Што значи дека безбедноста на пациентот е многу поголема. Во првата сала имаме постар модел, а на новиот се следи целосно пациентот од длабочината на анестезијата, па до колку воопшто анестетици се користат. Безбедноста на пациентот е сега многу поголема, вели Стојменова.

Началникот на Одделението за хирургија, Димче Паризов, вели дека во штипската болница се изведуваат над 1.000 операција во текот на годината.

– Ние тие операции ги изведуваме во една операциона сала. Имавме проблем, со тоа што пациентите чекаа и по неколку месеци за операција. Со овој апарат и повторно пуштање на втората операциона сала сметаме дека ќе го намалиме времето на чекање на пациентите за операција, вели Паризов.

Во штипската болница сите апарати работат, а директорот Ѓеорѓијев вели дека доколку се појават дефекти на нив се интервенира.