Јавното претпријатие „Комунална хигиена” – Скопје во координација со урбаната заедница во населбата Топаана денеска подели дополнителни сто канти за собирање на отпадот од индивидуалните домаќинства на улицата Максут Садик.

За проблемот со неправилното одлагање на отпадот и штетноста од создавањето на дивите депонии со граѓаните од населбата Топаана, во скопската општина Чаир денеска разговарал и директорот на ЈП „Комунална хигиена” – Скопје, Абдусамед Шабани.

– И покрај секојдневните интервенции од страна на нашите екипи, ова место претставува црна точка на којашто постојано се создаваат диви депонии што ја загадуваат околината и претставуваат закана за здравјето на граѓаните, изјавил директорот Шабани.

Нагласил дека не е надлежност, ниту пак ингеренција на ЈП „Комунална хигиена” –Скопје да ги превенира или казнува прекршителите на Законот за јавна чистота и повикал надлежните инспекциски служби при Градот Скопје и општината Чаир да дејствуваат на терен.