Народниот правобранител Иџет Мемети денеска оствари средба со претставници на локалната власт во Битола, како и со претставници на национални институции со седиште во овој град.

Според Мемети, народниот правобранител наместо во канцеларија, постојано треба да биде на терен и во директни средби со граѓаните, и токму затоа на денешниот јавен настан посочи дека е потребна подобра соработка за поголема заштита на правата на граѓаните.

– Институцијата Народен правобранител се повеќе е препознатлива кај граѓаните. Според некои анкети голем број од граѓаните знаат дека постои, но за жал мал е бројот процентот на граѓани кои знаат што Народниот правобранител може да помогне, и во таа смисла на годишно ниво, бројот на поплаките што ги добиваме од граѓаните е околу 4.000 но дури околу 1.500 се претставки за кои ние не отвораме постапка затоа што граѓаните немаат познавања дека тоа не е надлежност на Народниот правобранител. Но, исто така констатираме дека во 1.200 претставки има повреда на човековите права и веднаш потоа бараме правото што им е повредено да се санира, нагласи Народниот правобранител Мемети.

На интерактивната средба во Битола, Мемети потсети дека извештаите на институцијата Народен правобранител испратени во меѓународните организации се оценувани како висококвалитетни и користат за корекции на домашните јавни власти.

– Народниот правобранител може да биде посилен и реално на им помага на граѓаните само ако почесто е со граѓаните и им помага да бидат запознаeни и со нивните права. Народниот правобранител ќе биде алката за подобрување на комуникацијата граѓанин-локална власт или граѓанин-централна власт. Ние имаме многу нови можности, особено низ соработката со меѓународните тела кои освен што ги информираме туку овозможуваме нашите критики кон властите да им бидат посочени и од меѓународните организации. Нашата држава постојано е мониторирана и има задача од ЕУ како да постапува со предлозите што ги нуди Народниот правобранител, појасни Мемети.

Според евиденцијата на Канцеларијата на Народниот правобранител во Битола, во текот на 2018 година во канцеларијата која има надлежност врз 15 општини од југозападниот дел на државата, архивирани биле доставени 367 предмети, а најмногу бројни се претставките за проблеми од сферата на правосудството, потоа следат претставки за проблеми од сферата на работните односи, а потоа следуваат проблеми со доставени претставки од сферата на урбанизмот.

На јавениот настан организиран во рамки на проектот „Граѓанскo набљудување на Народниот правобранител“, спроведуван од НВО Инфоцентар, говореше и градоначалничката на општина Битола, Наташа Петровска, според која ваквите средби придонесуваат во зголемувањето на транспарентноста на локалната самоуправа. мт/цр/