Претставници на бизнис заедницата во Куманово, денеска се информираа за активните мерки и програми опфатени во оперативниот план на Владата за вработување за 2019 година на промотивниот настан, кој што го организираше одделението за локален економски развој на Општината.
Бизнис заедницата имаше можност директно да се обрати до надлежните и да добие информација за мерките и програмите кои можат да ги применат, да го зголемат бројот на вработените, продуктивноста и да влијаат врз намалување на невработеноста во локалната заедница.
-Активноста ја спроведуваме со цел да го продлабочиме локалното партнерство за вработување и да ги согледаме потребите на работодавачите и на невработените на локално ниво, изјави раководителката на кумановскиот Центар за вработување, Марија Димитријевска.
Пред присутните беа презентирани мерките кои се во тек, оние кои нудат поддршка и раст на правни субјекти, обука кај познат работодавал, практикантство, обуки за дигитални вештини, побарувани занимања. Општината прв пат организираше ваквов настан и преку ресорното одделение воспостави партнерски однос со Агенцијата за вработување.
-Општината во моментот преку одделението ја подготовува петгодишната стратегија за 2019-2024 година, во која ќе бидат опфатени и мерки за подобрување на бизнис климата во нашата општина. Општината како и досега се надевам дека и понатаму ќе продолжи да соработува со сите релевантни чинители од областа на вработувањето и подобрувањето на бизнис климата како што се невладиниот и бизнис секторот, се со цел, за подобрување на социо-економскиот живот во нашата општина, изјави секретарот на Општината Десанка Стошевска.