Во Македонска Каменица се одржа завршната прес-конференција од настанот „Силни месни заедници, за силна демократија”. Главна цел на проектот како што истакна Марија Ситновска од имплементирачката организација „Надеж – Норе” е да се подигнат капацитетите на месните заедници во Македонска Каменица и Виница.

-За време на спроведувањето на проектот, оформени се шест совети на месните заедници во Македонска Каменица во селата Саса, Моштица и Луковица и во Виница во селата Лески, Блатец и Јакимово. На вака оформените совети спроведени се шест обуки со цел зајакнување на демократските капацитети на оформените совети кои имаат за цел детектирање и приоретизирање на проблемите, меѓу другото и поднесување на граѓански иницијативи, предлози и претставки, истакна Ситновска.

Додава дека на крај од проектот се изготвени прироритетни листи на проблеми, кои како такви ќе бидат доставени за понатамошно разгледување до единиците на локалните самоуправи во Македонска Каменица и Виница.

Проектот „Силни месни заедници, за силна демократија” е финансиски поддржан од страна на Европската Унија како подгрант на проектот „Силни граѓански организации, за позитивни социјални промени“. Финансиската поддршка преку добиениот грант изнесува 239.025 денари.