Ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, Блажо Боев денеска за почесен доктор на науки го промовираше познатиот светски дерматолог, Николај Цанков, којшто има и потекло од Штип. Тој е и почесен доктор на науки на 18 универзитети во Европа и светот, но за ова признание забележува дека му е најдраго, бидејќи доаѓа од родниот град на неговите дедо и баба.

-Сум добивал светски признанија и награди. Мои патенти се продаваат на целиот американски континент, но ова принзнание ќе ми биде најдраго од сите. Ова признание е за моите родители, за мојата мајка која не можеше да ме види како професор. Особено ми е драго затоа што доаѓа од овој град, од Штип. Ова е доказ дека едно Македонче од Штип може да достигне светски височини, рече Цанков.

Признанието Professor Honoris Causa денес му го додели ректорот на УГД, Боев, кој истакна дека Универзитетот „Гоце Делчев“ е особено горд што го има професорот Цанков во своите редови.

-Станува збор за една исклучителна личност во областа на дерматовенерологијата, исклучителна личност во светски рамки. За нас како Универзитет претставува чест што можеме да го промовираме него како почесен професор на Универзитетот. Мислам дека нашата академска заедница добива многу во делот на истражувањата и развојот на медицинските науки, а и во делот на соработката со Република Бугарија, рече Боев.

Цанков е член на дваесеттина дерматолошки здруженија ширум светот, уредник на неколку научни списанија, автор на голем број научни трудови, а бил поканет пленарен предавач на стотина еминентни светски универзитети. Специјализирал дерматовенерологија во Париз, а во два мандата бил и декан на државниот Медицински факултет во Софија. Тој е дописен член на Бугарската академија на науки и уметности. Инаку тој е познат и по истражувањата на Антартикот, за што вели дека таму се истражуваат многу интересни работи, а се говори и со мртвите.

Цанков за своите штипски корени ќе рече дека неговиот дедо завршил фармација во Цариград, по што отворил аптека во Штип, но потоа со сопругата емигрирале во Бугарија, каде што отвориле аптека во Софија. Таму го открива лекот „бела булгара“ за Паркинсова болест, а својот патент го дава на познатата американска фармацевтска компанија Ледерден .-Тоа големо Македонче од Штип стигнува до едни големи височини, неговиот лек е патентиран во сите земји, од САД, Канада, па се до Уругвај, рече Цанков.

Познатиот светски дерматолог, Цанков утре ќе биде дел и од научен симпозиум на тема „Dermatology 2020“, кој го организира Факултетот за медицински науки при УГД-Штип и Здружението на дерматовенеролози на Македонија, а симпозимот ќе се одржи во Мултимедијалниот центар во Штип.