За жителот од Росоман кому деновиве куќата му изгоре во пожар, Општината обезбеди ново живеалиште.

Како што информира денеска росоманската локална самоуправа, на росоманецот му е даден објект за сместување во непосредна близина на опожарениот дом, а овозможено му е и да биде згрижен.

Според Територијалната противпожарна единица Кавадарци, пожари континуирано се случуваат, најмногу како последица на несовесно палење на отпадот од лозјата. Оттаму повикаа на поголема внимателност и одговорност.

Портпаролот на Секторот за внатрешни работи, пак, Верољуб Додевски, информира дека деновиве настанал пожар и на помошен објект – казарница во двор на куќа во кавадаречко село. Пожарот во кој била предизвикана материјална штета, е локализиран од Противпожарната единица Кавадарци и извршен е увид на местото.