Екипи од Територијалната противпожарна единица од Виница денеска го локализираа големиот пожар што избувна на депонијата за комунален отпад кај селото Лески. Огнот беше забележан вчера претпладне, а густиот чад за кратко време се прошири над целата котлина, целосно прекривајќи ги населените места од тој регион, при што стигнал дури до општина Карбинци.

Командирот на ТППЕ – Виница, Станко Спасов, информираше дека практично целата депонија била запалена и на повеќе места имало високи пламени јазици што излегуваат од отпадот.

-Нашите пожарникарите интервенираа во изминатото деноноќие, при што за гаснење употребимве вкупно десет цистерни, а со предизвикување контра пожар успеавме огнот да го задржиме во рамки на депонијата. Гаснењето со вода е неефикасно, поради специфичноста на локацијата и за целосно задушување на огнот вршевме затрупување со земја за да се оневозможи пристапот на кислород и да се спречи горењето на пластиката, хартијата и другите лесно запаливи отпадоци, истакна Спасов.

Попладнево огнот е ставен под контрола и не се дозволува негово проширување надвор од кругот на депонијата, со оглед што во непосредна близина има поголеми површини со сува трева и нискостеблеста шума. За целосно обезбедување и спречување на повторното избувнување на пожарот интервенираат и надлежните од Општината и од комуналното претпријатие “Солидарност“.

Ова не е првпат депонијата кај Лески да гори и од неа да се шири густ чад, но со својата местоположба и присуството на запалливи материи таа е потенцијална опасност за поголеми пожари во околината, а уште повеќе за загадувањето на животната средина.