Македонското друштво „Илинден“ со седиште во Тирана побара од Владата на Албанија, Општина Девол и Округот Корча да ги преземат сите неопходни мерки за итно асфалтирање на македонскиот пат, кој селото Врбник, населено со Македонци, го поврзува со Билишта.

– Патот што го поврзува селото Врбник со Билишта е во катастрофална состојба. Селото Врбник се наоѓа во делот на Егејска Македонија, непосредно до албанската граница со Грција, на само пет километри од градот Билишта. Селото гравитира кон планинскиот предел на најисточната точка на Албанија и според населението во селото, веќе 30 години ништо не е инвестирано во оваа област. Нема да се греши ако се каже дека тие се целосно заборавени од албанските власти, вели Никола Ѓурѓај, претседател на „Илинден“.

Меѓу многуте проблеми, немање канализациска и водоводна мрежа, посочува Ѓурѓај, најгорлив проблем што ги мачи Македонците во село Врбник претставува главниот пат што го поврзува село Врбник со градот Билишта, зашто е невозможно да се извршуваат секојдневните обврски на Македонците од селото во градот Билишта, со оглед на катастрофалната состојба на патот што треба да го поминат.

– За овој проблем информирани се сите институции во Албанија, но состојбата не се менува. Поради тоа, согласно добиените информации од Македонците од Врбник, Македонско друштво „Илинден“ побара од Владата на Албанија, Општината Девол и Округот Корча да преземат итни мерки за асфалтирање на патот со што ќе се подобрат условите за живот на македонското население од село Врбник, нагласува Ѓурѓај.

Поради немањето основни услови за живот,според него, поголемиот број од неговите некогашни жители го напуштиле селото. Моментно живеат стотина жители.