Од засега непознати причини гори депонијата во Македонска Каменица. Екипи на локалната Територијална противпожарна единици се на терен и се обидуваат да го локализираат пожарот кој од засега непознати причини избувна на градската депонија во Македонска Каменица.

Работата на пожарникарите дополнително е отежната поради огромната количина на пластика и други лесно запаливи материјали во отпадот. Во моментов постои можност за проширување на пожарот и на околната шума, што пак ќе биде причина за затворање за сообраќај на патниот правец Македонска Каменица – Делчево. Во очекување сме на потврда на оваа информација од страна на Територијалната противпожарна единица од Македонска Каменица кои на терен активно се борат со огнената стихија.

Освен во Македонска Каменица во моментот активен пожар има и во делчевското село Вирче. Таму гори површина од околу десет хектари кај местото викано Унќово во атарот на село Вирче. Според информации на пожарникарот Младен Стоименовски мракот го попречува гаснењето кое е потпомогнато од екипи на Македонски шуми и најверојатно со гаснење ќе се продолжи во утринските часови.

Територијалната противпожарна единица од Делчево денеска имала помали и поголеми интервенции на уште две локации со што поради ваквата состојба останува отворена можноста повторно да биде свикан кризниот штаб. Претходно во неколку наврати од Општина Делчево апелираа до граѓаните да не палат оган на отворен простор особено да не се палат стрништа или оган на отворен простор на необезбедени места, меѓи и други површини, да не се фрлаат шишиња и друга стаклена амбалажа и отпад, да не се врши палење отпад и друг запалив материјал и да не се фрлаат остатоци од цигари на отворен простор. За сторителите кои ќе бидат фатени како ги вршат споменатите недозволени дејствија се предвидени казнени одредби во Законот за заштита и спасување, Законот за шумите и законот за пожари.