Општината Велес согласно својата програма паралелно работи на изградба на инфраструктурата и во градот и во населените места. Од почетокот на годинава одобрени се и поставени 530 метри канализациски цевки во село „Сливник“ што се веќе приклучени кон постоечкиот колектор.
Како што информира на денешната прес-конференција градоначалникот Аце Коцевски, по зимскиот период, поради настанатите оштетувања на асфалтот се изврши санирање на асфалтот низ градот.
-Во моментов се врши тампонирање на пристапниот пат кон Горно Караслари, како и пристапот кон гробишата во Долно Караслари. Се заврши со бетонирање улица во село Бузалково со површина од околу 300 м2. Се интервенираше и на подобрување на состојбите со пристапните патишта кон Раштани, Бузалково, Мамутчево и Иванковци. Се проби пристапен пат кон пречистителната станица и кон земјоделските површини во ИЗ „Караслари“ во должина од околу 200 метри. Се изврши реконструкција на дел од улицата „Коле Цветков“ за пристап кон детската градинка во должина околу 200 метри, информира Коцевски.
Тој појасни дека на барање на граѓаните, нашле решение за спојување на два крака на улицата „Живко Фирфов“ со пристапни скали во должина од 60 метри. Воедно работеле и на внатрешно реновирање на објекти во кои се сместени месните заедници “Трајко Панов“ и „ Алексо Демниев“.
-Во тек е изработка на инвестициско-техничка документација за санација на мостот на Башино Село и санирање на градскиот базен, информира Коцевски.