Со свечена седница и доделување благодарници на дарителите на крв денеска во Струга беше одбележан Денот на Црвениот крст на Македонија и Денот на крводарителството – 17 март.
Благодарница за 50 дарувања на течноста што живот значи доби еден крводарител, а беа доделени и благодарници за 25, 10 и пет крводарувања.
Планот на Црвениот крст Струга за 2018 година, според секретарот Адуриме Даути, бил реализиран со 2.315 крводарувања што е за околу 150 пати повеќе од претходната година.
– Планот за 2018 година за дарување крв е надминат, односно собрани се 2.315 крвни единици што е повеќе од предвиденото, истакна Даути.
Во рамки на одбележувањето на Денот на Црвениот крст беше организирана и крводарителска акција на која беа собрани 17 крвни единици.
– Благодарност до сите крводарители со чија помош го реализиравме годишниот план. Бројот на дарувања покажува колку стружани се хумани. Апелирам да продолжат со својата хуманост и понатаму да даруваат од својата бесценета течност со што ќе спасат човечки живот, рече Даути.
На свеченоста беа присутни крводарители, членови и волонтери на Црвениот крст.