По повод Светскиот ден на водата учениците од прилепското основно училиште „Кочо Рацин“ денеска на граѓаните им делеа флаери за штедење на водата и како тоа да се прави. Со ова, смета директорот на училиштето Зора Чадамова, младите даваат свој придонес во правилното користење на драгоцената течност.

– Со оваа акција сакаме да укажеме колку е драгоцена водата што може и живот да значи, бидејќи на светски план се помалку ја има, рече Чадамова.

Апел за штедливо користење на водата за пиење, да не се полеваат градини и да не се користи во други технички цели, упатува и директорот на прилепски водовод Емил Јанески. Претпријатието технички се доопремува, ќе има подземен катастар, но се соочува со губитоци на водата во мрежата и со кражби.

– Само еден процент од вкупните количества вода во светот се вода за пиење и затоа е неопходно економично да стопанисуваме со водата. Експертите на ОН, предвидуваат дека до 2025 година, две третини од луѓето на планетата Земја ќе почувствуваат недостиг од вода за пиење, а до 2050, целокупното население на Земјата ќе има проблеми со недоволно количества вода за пиење. Општина Прилеп, заедно со ЈКП „Водовод и канализација“ во наредниот период планираат да обезбедат доволно количества вода за пиење за граѓаните. Имаме тенденција за промена на дотраената, стара, азбестна мрежа со нова, полиетиленска, а Водовод набрзо ќе биде опремен со најсовремената техника за намалување на губитоците на вода, без разлика дали се тоа губитоци поради девијации во водоводната мрежа или пак станува збор за кражба на водата. Досега од 240 километри, се променети 80 километри од водоводната мрежа или 30 насто. Во овој момент повеќе од 50 насто од водата за пиење е неприходована, дел поради кражби, дел поради дефекти. Што значи ако претпријатието купува околу 240 литри вода во секунда, наплаќа од 100 до 120. Апелирам до граѓаните водата за пиење да не ја користат за наводнување и за технички потреби, рече Јанески.

За три-четири месеци Прилеп ќе добие подземен катастар. Во тек е преземањето на надлежноста со пречистителната станица од државата. Годинава ќе се променува дотраената азбестна мрежа.

Јанески нагласува дека за обезбедување техничка вода со ископ на бунари е надлежна секоја институција, но не и водоводното претпријатие.