Велешките сточари ја напуштија трибината за земјоделство што се одржа денеска во салата на Општина Велес, откако не добија конкретен одговор од министерот за земјоделство Љупчо Николовски за итно решавање на проблемот со ниската откупна цена на јагнињата од 120 денари за килограм ја напуштија трибината.

– Ние ги прашавме кога ќе ни се исплатат субвенциите, а тие ни одговорија дека се уште се во контрола на стадата. Од октомври лани, тие се во контроли и досега требаше да ги спроведат и навреме да ни ги пуштат парите за субвенции, сега кога ни се најпотребни за хранење на јагнињата, потенцира Митко Јанков претседател на Здружението „Агроцентар“ од Велес по напуштањето на трибината

Тој информира дека во Велешко има најмногу овци во државава, од 65 до 70 илјади грла од што живеат две илјади семејства, но потенцира дека ако се продолжи со вака ниските откупни цени, сточарството до година ќе се преполови. Појасни дека лани откупната цена била 140 денари, а во изминатите години никогаш не се движела под 150 денари.

Николче Бабовски директор на Платежната агенција, информира на трибината дека контролите се во тек, а парите за субвенции ќе им се исплатат во законскиот рок како и секоја година до 30 јуни.

Министерот за земјоделство Љупчо Николовски, на трибината рече дека клучна работа на ова Министерство и Влада е исплата на субвенциите. Така, од 1 јули 2017 до 31 декември 2018 за тековни и заостанати субвенции оваа Влада исплатила 207 милиони евра, а само за еден месец во јануари 2019 исплатиле уште 40,5 милиони евра, од кои најголем дел, 15 милиони евра, биле наменети токму за сточарите.

Воедно, министерот Николовски информира дека до средината на годинава ќе заврши и постапката за Зелена нафта по што 55 илјади сточари од државава ќе добијат пари за нафта. Кажа дека од ЕУ фондовите за 2019 за разни области од земјоделството добиле 15 милиони евра.

Системот за наводнување на земјоделските површини од ХС „Лисиче“ со 28 милиони евра е најприоритетен на оваа Влада во областа на земјоделството во земјава, а истиот ќе биде во интерес на сите земјоделци од поширокиот велешки регион, рече Николовски.

Инаку, од Здружението на сточари „Агроцентар“ по завршениот итен состанок после трибината најавија протест во среда на 27 март пред зградата на Општина Велес, каде е и Подрачната единица на МЗШВ.