Со хуманитарна трка „Трчај за Даунов синдром“, центарот „Порака нова“ денеска го одбележа Меѓународниот ден на лицата со Даунов синдром – 21 март. Трката почна напладне, а се движеше по кејот на реката Црн Дрим во должина од два и од пет километри.

Целта, како што истакна секретарот на „Порака нова“, Анита Гагоска, е подигнување на свеста кај луѓето и собирање поддршка за организирање гала вечер за лицата со посебни потреби од Струга.

– Ова е прва трка посветена на лицата со Даунов синдром и се надевам дека ќе стане традиционална. Посетеноста беше голема. Стружани сите заедно покажавме дека среќата не се брои според хромозомите, рече Гагоска.

Рекордерот во продажба на списанието „Лице в лице“, Игор Шајноски, од струшкото село Радожда, пред почетокот на трката порача дека сите сме исти и оти заедно трчаме и заедно ќе победиме.

Првата трка за поддршка на лицата со Даунов синдром во Струга беше посветена на Анастазија Жупан, лице со Даунов синдром кое неодамна почина.