Во оштините Дебар и Центар Жупа пролетните култури ќе се најдат на 247 хектари од кои дури 70 отсто житни, пред се пченка.
– Од вкупно планираните површини, 176 ќе бидат засеани со житни култури, од кои 165 со пченка, девет со пролетен јачмен и два хектара со пролетен рж. Што се однесува до градинарските култури со нив ќе бидат опфатени 40 хектари, главно бостан, компир, пиперка, домат и кромид. Останатите 31 хектар ќе бидат засеани со фуражни култури, односно 15 со луцерка, пет хектари со добиточна репка и 11 со други фуражни култури, изјави Арбен Муладаути, овластен раководител на Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство, водостопанство во Дебар.
Според него, земјоделцте веќе ги имаат подготвено површините и до крајот на неделава ќе почнат со сеидбените работи кај дел од културите, бидејќи пченката се засејува подоцна, исто како што подоцна ќе засадуваат и дел од градинарските култури.
– Нашите земјоделци веќе ги подготвија леите со расад, а бидејќи располагаат со потребната механизација и семенски материјал, очекуваме пролетните седбени работи да се одвиваат без проблем и истите да завршат во оптималниот рок, посочува Муладаути.
Тој додава дека поради климатските промени, по дадените совети од нивна страна, земјоделците почнале да користат нови хибридни сорти семе кои се поотпорни и кои даваат поголеми приноси.