Четиринаесет храбри пожарникари од Свети Николе секојдневно се справуваат со огнените стихии, низ широкото Овче Поле. Во рок од половина месец на територијата на општините Свети Николе и Лозово, од кога почнаа и интензивно да се палат стрништата се случија над сто пожари, а во големиот пожар кај селото Ќоселери на помош дојдоа и ер-тракторите, кои гаснеа од воздух, колегите од Штип и Велес и од шумското стопанство. Огнената стихија зад себе остави пустош, изгореа над 200 хектари, од кои како што велат пожарникарите најжално било да се гледа како гори 90 хектари борова шума, што некој пред повеќе децении ја насадил низ пустото Овче Поле, а сега за само еден миг ја снема. Црните ридови се сведоци за големиот пожар, во којшто изгореа борова и ниско стеблеста шума, но и животински свет.

МИА беше на терен со светиниколските пожарникари. Денот им почна мирно, пожарникарите велат дека и тие, но и ние имаме среќа, го нема познатиот овчеполски ветар. Но, кога ќе дувне е тогаш знаат дека ќе имаат полни раце работа. Телефонот во текот на еден ден им ѕвони и по неколку пати, додека локализираат еден, веќе мора да заминат на друга локација, каде што избувнала нова огнена стихија. Командирот на ТППЕ-Свети Николе, Кирил Колев забележува дека и покрај апелите земјоделците да не ги палат стрништата, а сточарите ливадите, сепак тие и понатаму продолжуваат, а во услови кога има ветер, огнот набрзина се шири и се пренесува на соседните површини со земјоделски култури или шума.

- Голема штета е тоа за земјоделците, што се труделе, тоа да го посадат и апелираме до другите земјоделци и до сточарите да не палат стрништа. Штетите се многу големи, а и казните се големи. Полицијата секогаш е со нас на увид на лице место. Мислам дека од страна на командирот на полицијата имаше околу три или четири пријави поднесено, рече Колев.

Најжално е вели кога огнот ќе се прошири на лозовите и овошните насади. Некој со мака го насадил и обработувал, но за само еден миг, трудот му го нема, а ниту ќарот, бидејќи некој друг земјоделец ја запалила нивата, подготвувајќи се за пролетната сеидба.

-Жално е да видите, еве на еден од пожарите, земјоделецот само гледаше во своите овошки и лозови насади, како му горат, бидејќи некој во негова непосредна близина ја запалил нивата. Имавме во февруари и случај, кога огнот се доближи и до Филтер станицата. Стратешки објект од што нашиот град се снабдува со вода за пиење, а во исто време огнот се прошири и кон фармите и куќите, каде што дваесетина семејства живеат или чуваат стока. Тоа е во непосредна близина на новиот автопат Штип-Миладиновци, над градските гробишта. Таму изгоре штала, вели Колев.

Интервенирале и на депонијата во Пробиштип, каде што нивните колеги од овој рударски град им побарале помош, а деновиве се палеа и депониите во Кочани и во виничкото село Лески. Според европските стандарди македонските депонии се на ниво на ѓубришта, а токму тие поради низа причини знаат и самите да се запалат, но и да предизвикаат и загадување на околината. Овие денови депониите чадеа во Кочанско и Виничко поле, а на 17 март во кочанското село Оризари, 82-годишен маж изгоре во пожарот и тоа откако ја запалил сувата трева на неговата нива. Ова е прв смртен случај годинава во источниот регион, откако сопственик на нива го запалил стрништето, а билтенот нотираше и изгореници и кај двајца виничани, кои откако го запалиле стрништето не можеле потоа да го контролираат огнот.

Пожарникатите во Свети Николе огнот го гаснат со стара опрема

Во Пртотвпожарната единица во Свети Николе има вкупно 14 пожарникари, тие се на готовс секој ден, во случај да има пожари на територијата на општините Свети Николе и Лозово, но и да интервенираат при сообраќајни несреќи на експресниот пат Штип-Велес, а годинава со отварањето на автопатот Штип-Миладиновци, исто така при несреќи и таму да интевенираат.

Градоначалникот на Општина Свети Николе, Сашо Велковски за МИА вели дека опремата која ја имаат пожарникарите е стара, па затоа како локална власт мора постојано да издвојуваат средства за нејзина поправка, за да пожарникарите немаат проблеми на теренот.

-Мора секојдневно да сме во контакт, колку што е постара опремата и возилата, толку се и поголеми трошоците за нејзино одржување, вели Велковски.

Командирот на ТППЕ –Свети Николе, Колев вели дека противпожарните возила им се стари и по неколку децении, но постојано ги поправаат за да на терен не им создаваат главоболки.

-Располагаме и со стара заштитна опрема, која поради постојаните теренски активности се кине, па често знаеме и со игла во рака и да ја закрпиме. Со години не е инвестирано во противпожарната единица. Јас, обувки носам број 48, но моите чизми се број 47. Тие ги имам, па затоа понекогаш имам и проблеми со нозете, поради тесните чизми, вели Колев.

Добиле ветување дека годинава ќе добијат нова заштитна опрема и градоначалникот, Велковски потврдува дека по изборите ќе се распише тендерска постапка, со цел да ја купат потребната заштитна опрема за пожарникарите. Но, Велковски најмногу стравува откако ќе се отвори автопатот Штип-Миладиновци, бидејќи и таму пожарникарите ќе интервенираат во случај на несреќи, а опремата, возилата е стара. Затоа тој апелира централната власт да и помогне во набавката на нови возила.

Не е нова приказната со старата опрема на пожарникарите и на противпожарните возила, истиот проблем го имаат речиси сите противпожарни служби во земјава. Голем дел од нив имаат и помал број вработени пожарникари, а се отвараат и нови места, со пензионирањето на нивните колеги. Во Свети Николе има 14 пожарникари, со бројот на жители во Свети Николе и Лозово во овој протвпожарен дом треба да има вкупно 16 обучени пожарникари.

Викторија Димитрова Јованова