На пригодна свеченост, во општинското средно техничко училиште (ОСТУ) вчера беше отворена реалната компанија Мега Метал 2018. Училишната компанија ќе произведува уникатни производи од метал наменети за поширокиот пазар.
Отворањето на компанијата и опремувањето со потребните машини и технологија е овозможено преку партнерски проект со Про Група од Битола и финансиски поддржано преку грант што го доделуваат Министерството за образование и Светска банка.
– Сега училиштето има компанија со свои органи на управуавње, соодветни акти и најважното, машини и опрема со која можеме да произведуваме, едуцираме и да бидеме иновативни. Наша следна цел е во неа да ги интегрираме и другите струки што се изучуваат во нашето училиште и да го направиме лидер во стручното образование, рече на свеченоста Екрем Мифтари, координатор на проектот.
Со пари од грантот преку проектот за развој на вештини и поддршка на иновации, за потребите на компанијата набавена е современа ЦНЦ контролирана машина за сечење на метал со плазма. Учениците за време на практичната настава во иднина ќе произведуваат предмети од метал наменети за урбана опрема, предмети за домаќинство и градежништво.