„Пајакот" и официјално започна со работа во Кавадарци, за еден ден, вчера биле кренати шест возила.

-Се отстрануваат непрописно паркирани и возила паркирани на тревни површини, тротоари, крстосници, како и на места предвидени за инвалидизирани лица, но и хаварисани возила кои подолго стојат паркирани. Во исчекување сме на почетокот на функционирање на зонското паркирање, појасни за МИА Сашко Богев, в.д. директор на ЈП Паркинг Кавадарци.

Возилата кои се отстрануваат, се носат на плацот на Северен булевар, кај кавадаречката болница.

-Доколку сопственикот на возилото стигне пред тоа да биде однесено, се казнува со илјада денари. Ако веќе го зема од плацот, плаќа 1.500 денари, додаде Богев.

Така се погоди, рече тој за коментарите околу тоа дека првото кренато возило било токму од соседно Неготино, а со години наназад трае ривалството но и шегите околу тоа ривалство помеѓу кавадарчани и неготинци.