Прилепското основно училиште „Гоце Делчев“, како македонски претставник е домаќин на ученици и наставницина партнер-училиштата од Романија, Турција, Италија и Португалија и заеднички го спроведуваат проектот „Социјална инклузија на обесправени ученици“. Станува збор за проект, дел од програмата на Еразмус+КА2 на Нациналната агенција за европски образовни програми и мобилност.

Објаснувајќи го проектот, психологот од прилепското училиште Лилјана Дунимаглоска ги нагласува повеќето цели на проектот за унапредување на наставниот процес и истакнувањето на индивидуалните способности на учениците. Се работи на пет наставни стратегии.

-Проектот трае две години и во него се вклучени пет држави. Целта на проектот е да се унапредува наставниот процес преку примената на пет различни наставни стратегии: персонализација, соученичко учење, заедничко учење, тимска и проектна настава. Другата цел е поддршката на подучувачки активности за развивање на индивидуалните способности на сите деца кои би можеле максимално на свој начин, да ги потенцираат своите потенцијали во наставата. Особено е важна меѓукултурната соработка на учениците од сите пет држави, размената на искуства, како и развивање на професионалните компетенции на наставниците, вели Дунимаглоска.

Виолета Збанца од Романија, главен координатор на проектот вели дека главно е обесправените ученици да се вклучат целосно во наставата, а потоа и во општеството.

-Целта е да се развиваат социјалните вештини кај учениците, особено социјално обесправените, да се јакнат нивните вештини, да бидат вклучувани во едукативниот процес со крајна цел да бидат социјално вклучени во општеството, воопшто по завршувањето на образовниот процес. Низ петте стратегии учениците активно да учествуваат, да дадат се од себе и да се чувствуваат вклучени во целиот образовен процес, рече Збанца.

Учесниците во проектот од петте земји денеска ја посетила прилепската локална самоуправа.