Во Кичево денеска се спроведе презентација на проект за соларна енергија, односно за сончеви покриви, под мотото „Сонцето нека ги плаќа нашите сметки“.
Кичевчани за прв пат имаа можност да дознаат нешто повеќе за сончевите покриви. Презентацијата беше од информативен карактер и ја водеше Звонко Маркоски, експерт за фотоволтаични системи.
– Ние, како компанија „Сието“ со големо задоволство известуваме дека од почетокот на оваа година стартувавме со проектот „10.000 сончеви покриви“. Проектот е подржан од Фондот за иновации и технолошки развој. Опремата е целосно професионална за производство на електрична енергија. Со вградување на ваков систем се намалува потрошувачката на електрична енергија на семејствата, наведе Маркоски.
Истакна дека, со цел да се утврди каков систем му е потребен на едно семејство, се гледа потрошувачката на електрична енергија на домаќинството на годишно ниво.
– Ако се собераат киловат часовите на годишно ниво тоа е показател колкав систем ви треба да градите во вашиот дом. Едно просечно семејство би заштедило околу 800 евра годишно со поставување на ваков систем, објасни Маркоски.