Неформалната граѓанска група Локална мрежа за застапување од Кочани подготвува плански документ за клучните инфраструктурни и други проблеми што треба да добијат приоритет во решавањето.

На дводневна работилница што ја организира ромското здржение „Светла иднина“, претставници од локалните невладини организации, од урбаните и месните заедници и граѓани ги утврдуваат прашањата за кои ќе бараат реализација од локалната власт.

– Со оглед што Локалната мрежа за застапување треба да стане механизам за зајакнување на улогата на граѓанскиот сектор за ефективни локални политики, ова е еден од начините да се надминат пречките со кои се соочуваат поединците во ефикасната комуникација со надлежните институции. Завршниот документ во форма на извештај ќе биде публикуван и дистрибуиран меѓу граѓаните, а ќе го доставиме и до општинската администрација и до Советот на Општината, истакна Мануела Саидова, претседател на здружението „Светла иднина“.

Во рамки на активностите на Локалната мрежа за застапување во наредниот период ќе се одржат неколку јавни трибини со граѓаните за актуелните проблеми во општината, а ќе се формираат и две фокус групи што ќе опфаќаат млади до триесетгодишна возраст и граѓани од различни етнички заедници.

Функционирањето на Локалната мрежа за застапување во Кочани финансиски е поддржано од фондовите на ЕУ преку програмата „Правна помош и поддршка за зајакнување на капацитетите за застапување и одржливост на граѓански организации“, чии носители се Македонското здружение на млади правници, Данскиот совет за бегалци, Фондацијата за развој на локалната заедница – Штип и коалицијата Сите за правично судење.