Со повеќе разни активности: турнир во фудбал, натпревари за фотографија, видео и цртеж, јазичен саем, музички дел како и претставување на целиот универзитет и поединечните факултети, денеска Универзитетот на југоисточна Европа (УЈИЕ) во Тетово го одбележа својот традиционален Отворен ден.

Целта на активностите е на заитересираните матуранти од повеќе средни училишта во земјата и регионот да им се претстави академската понуда со кадарот, начинот на изведување на наставата, профилот што се добива, како и индивидуалниот фокус за секој студент за следната учебна година, рече ректорот на УЈИЕ, Абдулменаф Беџети.

– Нашиот ден е постојано отворен за идните студенти, но денеска традиционално тоа го правиме со претходно подготвена програма за нашата академска понуда за да ги привлечеме матуранитите од нашата земја, од Косово, Албанија, јужна Србија и другите земји од регионот. Планираме да достигнеме околу илјада и сто новозапишани студенти во новата учебна година, од кои од 700 до 750 би биле во првиот додипломски циклус на студирање на околу 15 студиски програми, до 400 студенти во мастер студии и остатокот во докторските студии, изјави Беџети.

Ректорот Беџети посочи дека средствата што ги добиваат како подршка од државата ќе ги искористат на начин што одличните матуранти со највисок просек од средното училиште ќе добијат повисоки стипендии во износ од 60 отсто од цената за студирање, а ќе се зголеми и нивниот број за 20 отсто во однос на минатата година.

Стипендии ќе има и за оние со просек од 4,5 до 4,99 во износ од 40 отсто од цената.

Од универзитетот посочија дека паралелките нема да бидат поголеми од 25 студенти со цел да се овозможи интерактивна настава и дигитални знаења за развој на индивидуална критичка мисла кај студентите.

– Поради овие специфични понуди, ние и покрај опаѓачкиот тренд на ниво на држава во однос на бројот на запишани студенти лани имавме пораст од 10 отсто на новозапишани студенти во однос на претходниот период, и очекуваме дека ќе го задржиме трендот и годинава, рече Беџети.

Наставата на УЈИЕ во Тетово се одвива на македонски, албански и англиски.