Американската компанија Слајс, што оперира од земјава со канцеларии од Дебар и Охрид, ја прошири мрежата и во Скопје. Вработува 350 луѓе од различи профили, а до крајот на годината планирани се вработувања на уште 200 различни кадри. Основач и сопственик е Илир Села, по потекло од Дебар кој, како што соопштуваат, својата иновативна идеја ја направи вистински профитабилен бизнис во САД. Вели дека истите овие оперативни активности може да се извршуваат и од Њујорк или Белфаст, но квалитетот на македонскиот кадар досега достојно се покажал.

Идејата на Илир Села произлегла од неговото окружување, односно неговото семејство на американско тло поседувало повеќе мали пицерии што никаде не котирале на дигиталните сервиси и граѓаните тешко пристапувале до нив. Затоа создал бизнис модел со кој на малите пицерии им нуди напредна технологија, доволно брза и ефективна да се натпреваруваат со џиновите во индустријата и да станат конкурентни на големиот американски пазар. Голем дел од својот успех го темели на операциските тимови во Македонија. Со добрата поставеност, професионалност и ефективност, македонскиот тим се грижи услугите на Слајс да бидат достапни за нивните клиенти 24/7 и нарачките да бидат навремено доставени до секоја адреса без разлика каде се наоѓа.

Суштината на услугата на Слајс е преку наменски дизајнирана платформа на своите корисници им овозможува да пронајдат локална пицерија и да направат онлајн нарачка, нудејќи беспрекорни услуги и за корисниците и за пицериите, кои се клучни за корисничкото искуство. Пицериите ја добиваат нарачката и потоа сами ја вршат доставата. За таа услуга на Слајс му плаќаат фиксна сума од 1,95 долари за секоја добиена нарачка преку овој сервис, без разлика на цената на нарачката. Така Слајс не наплаќа ништо од корисниците на нарачката, тие ја добиваат пицата по иста цена.

Денес повеќе од 11.000 пицерии во САД продаваат пици нарачани токму преку платформата на Слајс. Бизнисот се проширува во Дебар пред осум години и започнува со две работни бироа. Сега Слајс има пет канцеларии, Њујорк и Белфаст, а во Македонија покрај Дебар уште и во Охрид и Скопје, и повеќе од 350 вработени.

-Клиентите во Америка бараа 24-часовна услуга, а во Њујорк тоа беше тешко да се изведе. Нашиот тим во Македонија создаде одличен систем на работа, со внесување податоци и овозможување информации за достапноста на нашата услуга. На тој начин е поставена основата за работата на Слајс и затоа канцелариите во Македонија станаа многу важни за Слајс“, вели Села.

Бизнисот на Слајс расте, исто како што секојдневно расте и бројот на пицерии во САД и продажбата на пици, до тој степен за денес да стигне до ниво да биде наречена индустрија со обрт во милијарди долари. Со услугата на Слајс, бизнисот на неговите клиенти бележи пораст од четири до шест пати.