Со дефиле под маски, во костими и во знакот на празникот, децата од градинките и училиштата во Преспа денеска продефилираа на плоштадот во Ресен одбележувајќи го Меѓународниот ден на шегата 1 април.
Предводници на првоаприлската поворка беа кралот и кралицата во автомобил, водители на годинашниот настан.
Секоја година, како што истакна организаторот на настанот, директорот на домот на културата „Драги Тозија“ Васко Василевски, се обидуваме на различен, покреативен и инвоативен начин да го одбележиме Денот на шегата.
– Ние повозрасните мора да учиме од децата, дека смеата и шегата, без разлика на денешниот динамичен начин на живот, треба и мора да бидат составен дел од нашето секојдневие. Така и годинава, плоштадот во Ресен беше претесен да ги собере сите учесници од градинките и училиштата, кои сакаа пред пошироката јавност, но и пред своите родители и наставници, да ја покажат својата креативностм истакна Василевски.
Пред бројната публика, продефилираа голем број маски, со омилените детски јунаци, а водителите преку обичаи и настани од различни меридијани, го опишаа прославувањето на 1 април.
Арпилијадата во Ресен се одржува под покровителство на градоначалникот на Општина Ресен, Живко Гошаревски.