Облечени во костуми на своите омилени јунаци од стриповите, преправени во кловнови, волшебници, пеперутки, бетмени и разни други имагинации, најмладите гевгеличани денеска го одбележаа Денот на шегата со учество на традиционалната манифестација „Априлијада 2019“.
Учесници на манифестацијата беа децата од трите градинки и двете основни училишта од градот што на градскиот плоштад пред насобраните граѓани и своите родители се претставија со изработените колективни и индивидуални маски кои во оваа прилика беа оценувани и наградувани од жири комисија.
Меѓу присутните на плоштадот во Гевгелија беше и градоначалникот Сашо Поцков кој изрази воодушевеност од детската креација на маски.
Организатор на манифестацијата беше Пионерскиот дом, а нејзин покровител беше општина Гевгелија.