Околу илјада маски подготвени од дечињата од градинката и основните училишта од Крива Паланка продефилираа на денешната „Првоаприлска шега 2019“, што се одржа во организација на локалната самоуправа.
Свеченото дефиле под маски се движеше од централниот градски плоштад, низ главната улица „Св.Јоаким Осоговски”, со парада на плоштадот “Карпошово востание” до појдовната точка, градски плоштад, каде се одвиваше едночасовната забава.
Учесници на маскенбалот беа децата од трите клона на градинката “Детелинка”, учениците од прво до петто одделение од ООУ “Илинден” и “Јоаким Крчовски” и корисници од Дневниот центар за лица со попреченост, Крива Паланка.
Маскираните модератори и кловновите Биди и Бади беа задолжени за забава и дружење на маскираните супер херои, принцези, индијанци, гласници на мирот, припадници на зулу племиња, мобилни телефони со пораки за повеќе спорт и рекреација, помалку дружење со електронски уреди, риби, војници, пожарникари…
Традиционалната “Првоаприлска шега” беше заокружена со доделување плакети за институциите вклучени во учество и успешно организација на настанот и благодарници за сите воспитувачи и учители, одговорни за дечињата кои беа дел од годинашната манифестација.