Денот на шегата – 1 Април традиционално, со детски маскенбал, беше одбележан во Ростуше, административниот центар на Општина Маврово и Ростуше, како и во Дебар.
Децата беа маскирани во невести, Бетмен, Супермен, космонаут, лекари и други препознатливи маски.
Децата во Ростуше продефилираа низ центарот и многуте улички, при што беа поздравени од голем број граѓани, по што посебна комисија ги избра и најуспешните маски.
-Учествуваа деца од различни возрасти од нашето основно општинско училште. Ова е традиција, но првпат годинава ги избравме и наградивме најуспешните маски. Најуспешните добија медал, признание и маици. На овој убав настан, што со прекрасните маски, младоста и колоритот од бои потсетува на пролетта, со децата се дружеше и градоначалникот Медат Куртовски, кој ги врачи наградите, изјави Адем Сулејмановски, директор на ООУ „Ѓорѓи Пулески“ Ростуше.
По традиција и најмладите од детската градинка „Брешија“ го одржаа првоапрлското дефиле во Дебар. Маскирани најмногу во невести, принцези, спајдермени, поминаа низ главната улица и застанаа во центарот на градот, каде што беа собрани голем број дебрани.