Вардар се вклучува во туристичката понуда на Демир Капија, кајакарите од кајакарскиот клуб „Просек“ промовираа нова авантура по реката. Сите заинтересирани авантуристи и љубители на рафтинг пловење со чамци и кајакарење по мирни и диви води, можат да имаат незаборавно доживување со понудата што ја нудат искусните кајакари.
Дарко Илиевски од Демир Капија, кајакар и член на клубот, за МИА вели дека целта е љубителите на природата да се запознаат со богатствата што ги има демиркапискиот крај. Возобновен е кајакарскиот клуб кој постоел во минатото и долги години имало прекин во неговите активности поради финансиски причини, иако вистинските љубители на кајак одржувале кондиција пловејќи по Вардар и крај Демиркаписката клисура.
– Обезбедивме неколку двосед рафтинг чамци, а имаме и кајаци. Ги нудиме туристички за спуштање по мирни но и диви води на реката Вардар. Без разлика дали туристите сакаат сами да веслаат или ние да им бидеме придружба, во секој случај наши искусни кајакари со чамци или кајаци ќе бидат присутни на лице место заради сигурност и безбедност. Иако имаме обезбедено и соодветна опрема за нивна лична заштита, нагласи Илиевски.
Некогашниот кајакарски клуб бил доста успешен, а демиркаписките кајакари бележат резултати и во денешно време. На отворен кајакарски куп лани, освоиле второ место во екипна конкуренција, но и по еден сребрен и бронзен медал. Интерес за кајакарење имало и кај младите од Демир Капија. Веќе градат и сопствен простор во кој ќе ја сместат целата опрема со која располагаат.
Поддршка за целата оваа работа имаат од локалната самоуправа, одделни компании и спортскиот клуб „Клисура“, со кој имаат идеи и за заеднички проекти за развој на туризмот крај железната порта.