Во рамки на пролетните активности за чистење на градот Берово, денеска јавното претпријатие за комунални работи „Услуга“ и АД „Водостопанство“ Берово, во соработка со Општина Берово, спроведоа акција за чистење на локалитетот Беровско Езеро. Акцијата е дел од програмата за одржување на комуналната хигиена во градот, информира директорот на ЈПКР „Услуга“, Илија Рунтевски.

-Се чистеше просторот долж патеката околу Беровското Езеро, просторот околу Детското одморалиште, како и хотелските комплекси во близина на езерото. Во пролетната акција за чистење се вклучија учениците од ООУ „Дедо Иљо Малешевски” и средношколците од ОСУ „Ацо Русковски”, кои го чистеа теренот околу училиштата, информира Рунтевски.

Додава дека собраниот отпад екипи на ЈПКР „Услуга“ го транспортирале до градската депонија. Претходно во одделна акција учениците од деветолетката „Никола Петров Русински“ се вклучија во екоакцијата за зачувување на чиста и здрава околина и намалување на отпадот и дивите депонии. Тие ги чистеа училишниот двор, спортските терени и улиците што водат до влезот на училиштето.