Тешкиот политички период допрва претстои - сложни се политичките аналитичари. Практично нерешниот или блискиот резултат на двете македонски најголеми партии води кон тешки преговори за тоа кој може, профаќа и сака да биде дел од новата влада несомнено во состав и со албанските фактори. Кои, останува дискутабилно, ако ги имаме предвид сите можни сценарија: од ДУИ сам во влада, до ДУИ со СДСМ и Беса, потоа Алијанса за Албанците, Алтернатива, Беса и ДУИ заедно, со или против сите...

Но ајде да ги оцениме пораките на партијата предводена од Али Ахмети, во деноноќието пред избори и сега.

Стартуваа на изненадување на сите со идејата за прв премиер од албанската заедница во Македонија. Нивното „pse jo” беше од самиот почеток отфрлено од СДСМ која им порача дека е време да заминат во опозиција, па се потпре на Беса во обид да ги осигура барем дел од албанските гласови. ВМРО ДПМНЕ се изјасни без поголеми дебати на темата дека не треба во моментот воопшто и да се размислува на тема премиер- Албанец.

Вечерта пред избори, Ахмети испрати порака дека коалицијата со СДСМ била во основа соработка, им посака среќа изразувајќи надеж дека таа ќе продолжи постизборно. Заев пак му возврати „зошто да не ДУИ во опозиција?“. Ќе му прости ли Ахмети или не - во политиката се е дозволено.

Постизборно, пораките стануваат подиректни. ДУИ сега поставува црвена линија, ама нагласено до СДСМ: ако сакаат коалиција ќе мора да прифатат премиер од албанската заедница во Македонија. Од друга страна пак, Ахмети во интервју за МИА непосредно пред изборите зборуваше за малку поинакви црвени линии. Не ја постави како „бетон“ идејата за Зибери за премиер, туку дипломатски порача дека „и кога во трката за претседател на државата имало кандидат Албанец, тие се одлучиле за поддршка на Пендаровски кога нивниот кандидат испадна од игра во вториот круг“. Сега како условувањата за Албанец премиер како полека да бледнеат, а кога се споменуваат се изрично испратени како порака до СДСМ.

Дали тоа значи дека ДУИ гледа идна влада со ВМРО ДПМНЕ? Ниту едните ниту другите ова не го негираат, односно атмосферата е игра на картата „се е можно“.

Во јавноста се поприсутна е и математиката: ВМРО ДПМНЕ, Левица и ДУИ, повторно комбинација што никој не ја негира, ниту ја потврдува.

Она што е извесно е формирањето на Собранието. Се очекува негово поставување до почетокот на август. Но Владата останува потешката „планина“.