Граѓаните да ја користат можноста за само-отчитување на броилата со цел да плаќаат реална цена на електричната енергија, истакна Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) на дебатата во емисијата „Уметност на финансиите“ на ТВ Клан во Тетово.
Тој дебатираше со инженерот и професор Илјаз Илјаз и Кренар Османи, претставник на Иницијативата „Доста е“м која организира јавни протести против зголемената цена на електричната енергија.
На забелешките од Иницијативата дека во време на пандемија и на лето има нереално високи цени кои достигнуваат и до 300 евра, на што Бислимовски потсети дека граѓаните можат да поднесат и претставки до РКЕ.
– Им укажавме на ЕВН дека не смеат предвреме да се финансираат со пари од граѓаните поради паушалните сметки и се заканивме со одземање на лиценца. Дури и мене лично ми стигна сметка од 16 илјади денари и морав да се јавам за да се им ја кажам реалната состојба на броилото. Така и граѓаните да прават, состојбата од броилата да ја праќаат по електронска пошта или по телефон до ЕВН. За секоја претставка до РКЕ од граѓаните за фактурите на ЕВН за 24 часа веднаш се реагира и 95 отсто од тие сметки се сменети, истакна Марко Бислимовски.
Професорот Илјази истака дека потребна е поголема контрола во определување на цената на струјата бидејќи секторот користи ресурси кои биле во сопственост на државата.
– Има потреба ова тело повеќе да ги чува граѓаните, пример како во Англија со омбудсман и да се води грижа за губењето на електричната енергија, рече Илјази.
Инаку, во текот на емисијата на „Клан Македонија“ претседателот на РКЕ Марко Бислимовски од Кренар Османи од Иницијативниот совет во име на граѓаните доби бубрези на подарок како симбол дека тоа е само што им останало на граѓаните за да ги донираат во енергетските компании.
Тој додаде и дека состојба не им овозможува на граѓаните да ги плаќаат високите сметки па наместо тоа, граѓаните треба да ги продаваат органите со цел да ги платат сметките.