Хронично болните кои веќе треба да се на работните места, а не успеаја да добијат потврда од специјалист дека не треба да одат на работа се на „ничија земја“. Ниту може да одат на работа оти го ризикуваат, и онака кревкото здравје, ниту пак смеат да седат дома оти може да „летаат“ од работа.

Еден таков пример е пациент кој изутрината побарал помош во ординацијата на матичниот лекар Ненад Лазаров, но не успеал да добие термин за преглед кај специјалист.

-Еве јас имав дијабетичар со 20 гликемија, не постои редовен термин. Со приоритетен термин голема е веројатноста дека воопшто нема да биде прегледан тој пациент бидејќи де факто поприоритетни ќе има од него. Не ги правиме редовните прегледи ни приближно доволно за да скринираме, да случајно наидеме на наод некој, на малигнитет некој, на некое посериозно заболување и тоа страшно ќе се одрази врз нашата работа, вели Лазаров за Алфа.

Лазаров е согласен дека здравството е во колапс и оти тоа и пред пандемијата не функционирало нормално. Вели граѓаните веќе наталожиле гнев од пандемијата со корона вирусот која трае со месеци, но и од лошите политики на надлежните.

-Доаѓа до акумулирање на нервози и стресови кај луѓето, сите се напнати, веќе почнуваат нашите пациенти сериозно да ги чувствуваат и економските последици на оваа криза. За насили било какво, физичко, психичко или вербално не постои оправдание никакво, постојат институции и треба да се решат работите институционално, вели тој.