Интензивно продолжува да се работи на изградба на речното корито на река Сушица во Радовиш во рамки на проектот „Заеднички мерки за спречување и намалување на последиците од катастрофи во општините Сандански, Бугарија и Радовиш“, информира градоначалникот Герасим Конзулов.

-Коритото на реката Сушица’ во Радовиш треба да биде регулирано и уредено во иднина за да се спречи нејзино излевање при обилни врнежи од дожд. Ќе се регулира критичниот дел на реката, кој во изминатиот период честопати предизвикуваше поплави и огромни штети на инфраструктурата и правните лица во овој дел на градот, рече градоначалникот Конзулов.

Со уредувањето ќе се исчисти речното корито, ќе се подигнат каскади и ѕидови, а кејот покрај реката ќе биде озеленет.

Заедно со коритото на реката Сушица, кое се уредува во должина од 2,2 километри, во Радовиш ќе се уредат и други речни корита и суводилици со вкупна должина од 10 километри.