Јавното комунално претпријатие „Тетово“ со кредит од банка ќе се обиде да ги плати придонесите на вработените и да ги подмири тековните потреби за работа.

Тие на денешната 34-тата седница на Советот на општината добија согласност за позајмување на 26 милиони денари.

Директорот на ЈКП Тетово Џелал Цека во образложението потенцираше дека помошта е повеќе од итна бидејќи вработените веќе протестираа поради неплатените придонеси за здравствено и пензиско осигурување.

-Поради пандемијата граѓаните не ги плаќаа комуналните сметки и ние трпиме загуба. Од друга страна моите вработени во периодот од март до септември собираа отпад и правеа дезинфекција на градот и беа на удар на коронавирусот, а сега немаат основна можност за здравствено осигурување. Ние сме во можност да плаќаме по 300 до 500 илјади денари месечно. Во 2019 сме позитивни во билансот и сметаме дека ќе добиеме кредит, истакна Џелал Цека.

Тој потенцираше дека за придонеси се потребни 15 милиони денари, а остатокот е подмирување на трошоците за нафтени деривати, електрична енергија и плаќање на регионалната депонија Дрисла каде се одлага собраниот смет од Тетово.

-Потребни се 26 милиони со оглед дека никој не може со сигурност да каже дали ќе се зголеми наплатата во октомври и каква ќе биде состојбата со короната во ноември, декември и понатаму. Воедно ние за неплатените сметки заради состојбата и уредбите на Владата не смееме да вршиме присилна наплата, рече Цека.

Советот на општина Тетово изгласа и одобрение ЈКП Тетово да ги продаде печките на дрва кои граѓаните ги оставаа за да добијат субвенции за добивање на инвертер-клима уреди. На тој начин комуналното претпријатие исто така да добие одреден износ за подобрување на финансиската состојба