Голема возбуда и радост донесе првиот училишен ден во Пехчево. Во услови на пандемија предизвикана од појавата и ширењето на вирусот Ковид-19, а согласно планот и протоколите за организација, што ги подготвија институциите и Министерството за образование и наука, официјално започна новата учебна година во деветолетката „Ванчо Китанов“ во општина Пехчево. Како што информираа од училиштето во пехчевската деветолетка наставата ќе се реализира и со физичко присуство и од далечина.

Добредојде на учениците им посака градоначалникот Драган Тренчовски кој во својот говор пред родителите истакна дека и покрај предизвиците и проблемите со пандемијата верува дека во Пехчево ќе има успешна учебна година.

-Оваа година ќе биде многу поразлична од другите, бидејќи, пандемијата предзвика промени, а образовниот процес за многу кратко време мораше да претрпи целосна трансформација. Верувам дека и покрај предизвиците и проблемите со кои се соочуваме со пандемијата, ќе имаме успешна учебна година, дека ќе научите нови вештини и дека квалитетот на образовниот процес ќе биде на високо ниво, додаде Тренчовски.

Во општина Пехчево новата учебна година ја започнаа и 33 првачиња на кои Тренчовски им врачи комплет училишен прибор, обезбедени од локалната самоуправа.

-Ова е првиот училишен ден за оваа година, која искрено се надевам ќе биде исполнета со успеси и среќни моменти за секого од учениците особено за првачињата. Особено се радувам што училиштата во Пехчево изобилуваат со прекрасни услови, прекрасен професионален образован кадар, а поддршката секако е проследена од тимови на Општина Пехчево, кој неуморно и организациски работи, додаде Тренчовски.

Во новата учебна година во Пехчево онлајн настава и настава со физичко присуство во училиштатат ќе следат вкупно 298 ученици.