Основното училиште „Славко Лумбарковски“ во Новаци, едно од 15-те централни општински основни училишта кое доби зелено светло за одржување настава со физичко присуство на ученици од прво до петто одделение, денеска ја почна новата учебна година.

Настава со физичко присуство почна да се изведува и во седумте подрачни основни училишта кои се во рамки на централното основно училиште „Славко Лумбарковски“, а се наоѓаат во селата Бач, Живојно, Далбеговци, Агларци, Добромири, Рибарци и Гермијан.

-Оваа учебна година е поразлична од било која друга поради пандемијата со коронавирусот, но општината со јавна набавка обезбеди средства за заштита на учениците и вработените, како и средства за дезинфекција на објектите за ООУ „Славко Лумбарковски“ и подрачните училишта, се со цел непречен почеток на учебната година. Обезбедени се и бесконтактни топломери за мерење на телесна температура и заштитни маски, истакна градоначалникот Љубе Кузманоски на првиот училишен час во Новаци.

Со одлука на Советот на општина Новаци, на сите 22 првачиња во општината им се доделени по 5.000 денари за набавка на прибор и потребни материјали пред самиот почеток на учебната година, со цел непречено одвивање на наставата.