Во Делчево навреме започна новата учебна година за учениците до трето одделение и во подрачните училишта во деветолетките „Св.Климент Охридски" и „Ванчо Прке".

Воспитно-образовниот процес започна со дезинфекција на обувките и мерење температурата на учениците, што е дел од протоколите за успешна реализација на наставата во услови на Ковид-19.

-Во централното училиште „Св.Климент Охридски" новата учебна година започна без проблеми. Се запазуваат сите пропишани протоколи по што учениците од прво до трето одделение започнаа со настава. Учениците беа примени на посебни влезови така што немаше поголеми гужви во училиштето. Исто така според информациите од одговорните во подрачните училишта во селата Стамер, Вирче, Град, Тработивиште и Разловци може да кажеме дека и таму учебната година започнала без проблеми, информираа од Општинското основно училиште „Св.Климент Охридски".

Во ова училиште како што додадоа, денеска се примени и сите првачиња кои претходно уредно беа запишани во училиштето.

Во деветолетката „Ванчо Прке" денес освен во централното училиште настава ќе следат и учениците од подрачните учлишта во селата Габрово и Ѕвегор.

-На сите ученици кои денес започнуваат со настава им беше овозможен посебен влез во училиштата. Навремено без проблеми и потешкотии се справуваме со овие новонаметнати услови во кои денес ги примаме и оние кои за прв пат ќе седнат во училишните клупи, а тоа се првачињата. Посакуваме успешен старт и на учениците кои онлајн ќе следат настава, истакнаа од деветолетката „Ванчо Прке".

Од околните градови денес успешно стартуваше учебната година и за учениците до трето одделение во беровските училишта кои работат во состав на деветолетката „Дедо Иљо Малешевски" како и подрачното училиште „Никола Петров Русински" во село Русиново. Според информациите на тамошните надлежни наставата со физичко присуство се одвива без проблеми.