Вкупно 260 ученици во прво одделение денеска ја почнаа новата учебна година во петте основни училишта во Кочани.

Евидентирано е намалување на бројот за десетина првачиња во однос на лани, со што продолжува негативниот тренд.

Со почитување на мерките за лична здравствена заштита, на свеченоста што се одржа во дворот на ОУ „Св. Кирил и Методиј", многу успех во образованието и здравје на учениците им посака градоначалникот Николчо Илијев.

– Со еден месец задоцнување, новата учебна година за прв пат ја почнуваме во специфични услови на пандемија. Засега во училиштата нема големи проблеми во почитувањето и спроведувањето на сите протоколи за здравствена заштита на кои учениците, родителите и наставниците ќе мора да се привикнуваат. Одговорноста за зачувување на личното и колективното здравје ни припаѓа на сите, истакна градоначалникот Илијев.

Наставата за учениците од прво до трето одделение во ОУ „Св. Кирил и Методиј" ќе се одвива во два термина, односно поради бројноста на учениците, паралелките ќе бидат поделени во две групи.

– Кај нас имаме вкупно 12 паралелки од прво до трето одделение, при што наставата со половина паралелка ќе се одржува во претпладневниот термин, а втората половина настава ќе следи во пладневниот термин. По нивното заминување од училиштето, во попладневниот термин ќе почнат онлајн предавањата што ќе ги одржуваат наставниците по предметна настава. Помеѓу секоја од овие групи ќе има пауза од половина час во која ќе се прави целосзна дезинфекција на просториите, истакна Даниел Кралев, директор на ОУ „Св. Кирил и Методиј".

Во оваа учебна година во општина Кочани настава ќе следат вкупно 2.783 ученици во основно и 1.217 во средно образование, додека во основното музичко училиште запишани се 163 ученици.