Сопствениците на пет велешки игротеки и вработените забрзано чистат и средуваат, а по седум месеци неработење поради пандемијата со Ковид-19 , тие повторно ќе ги отворат своите простории за роденденски и други прослави и забави наменети за децата и тинејџерите. Тие се последни во државава кои ги отвораат вратите на своите објекти, затоа што тоа одамна пред нив го направија угостителите и другите дејности.

Сопствениците на игротеки од Велес се жалат дека поради седумесечна забрана за неработење се на работ на финансиска издржливост затоа што досега воопшто и не добиле финансиска помош од државата,па морала да ги плаќаат и вработените и плус да плаќаат за кирија. Велат дека им е потребна една година да се опорават и да ги вратат долговите направени во изминатите седум месеци. Поради овие потешкотии поради неработењето, една успешна велешка игротека во изминатите месеци на пандемија со Ковид 19 веќе затвори. Сопствениците на игоротеки во Велес, кои останаат да работат велат дека ја очекуваат поддршката од надлежните која им е најавена дека ќе ја добиваат од овој месец.

Иван Синадиновски е сопственик, кираџија на игротеката „Парк“ која се наоѓа во склоп на Спортска сала „Гемиџии“, а која е сопственост на Општина Велес.Тој за МИА ни појаснува дека е револтиран што Општина Велес, поради неработење ги ослободила од плаќање на кирија само за два месеци март и април,а по што од Спортската сала „Гемиџии“ каде се кираџии тие добиле белешка да плаќаат кирија од мај до септември иако и во овие пет месеци не работеле, не по нивна вина туку согласно одлуката на Владата.

Тој и неговиот колега од соседната игротека која е во склоп на салата „Гемиџии“ за ваквиот проблем се обратиле до Општина Велес но одговор се уште не добиле.

Инаку месечната кирија му изнесува 500 евра, а за пет месеци неработење тоа се вкупно 2500 евра во загуба, појасни Синадиновски.

Тој е револтиран што останатите објекти како теретана и други објекти во склоп на Спортската сала „Гемиџии“ додека не работеле за повеќе месеци биле ослободени од давачките односно од плаќањето на киријата.

-Од октомври надлежните од државава ни ветија финансиска помош,на која се надеваме и ја очекуваме како неопходна помош за да продолжиме со работа. Но во изминатите седум месеци сите игротеки меѓу кои и приватните газди беа ослободени од кирија. Исклучок сум јас и колегата, две игротеки сместени сме во склоп на Спортската сала „Гемиџии“ кои не вршевме дејност а не сме ослободени од плаќање на кирија.Поточно бевме ослободени само за два месеци ,март и април, а по што од Спортската сала „Гемиџии“ како кираџии добивме известување да плаќаме кирија за петте месеци од мај до септември, иако не работевме. Ние сме две игротеки што не бевме ослободени од кирија иако не вршевме дејност, а бевме и сме закупци кај државата, а каква иронија не вршевме дејност затоа што за време на Ковид 19 бевме затворени од државата, вели револтирано Синадиновски..

Тој посочува дека во другите градови сите игротеки биле ослободени од плаќање на кирија, поради што тие се револтирани и се жалат и бараат одговор од Општина Велес како закупецот, зошто не ги ослободила од плаќање на кирија и од мај до септември туку само за два месеци.

Воедно тој посочи дека Општина Велес ги ослободила угостителите сопственици на кафулиња, за терасите да не плаќаат кирија за една година.

Инаку од Групацијата на игротеки при ССК, велат дека Протоколите за нивна работа се изготвени од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, кои беа прифатени од Владата, содржат над триесет мерки и активности со чие почитување и имплементирање во пракса ќе се спречи ширење за заразни заболувања.

Оттаму писмено соопштија дека вработените во игротеките, родителите и децата ќе ги почитуваат протоколите, просторите и предметите редовно ќе се дезинфицираат и проветруваат со што ќе им се овозможи безбеден престој на децата.

Инаку игротеките и едукативните центри беа затворени со владина уредба во март годинава и се меѓу последните дејности кои се отвораат во државава.

Сопствениците на велешките игротеки потенцираат дека тие се придржуваат и ќе ги почитуваат сите протоколи за безбедно работење и престој на децата во услови на пандемија на Ковид-19.