Продолжува потрагата по 83-годишниот Ристо Ѓорѓиевски од делчевското село Косово Дабје. Од полицијата информираат дека во интензивната потрага е опфатен целиот ридско-планински терен во близина на куќата на немоќниот старец, но сè уште не наишле на никаква трага која води до пронаоѓање на исчезнатиот.

– За време на целата потрага имаме информации од одредени лица дека го виделе исчезнатиот, но не потврдуваат за периодот кога тоа се случило. Последен пат 83 годишниот старец е забележан како се движи бос кон градот и оттогаш му се губи трагата, велат од полицијата во Делчево.

Неговиот син Душко Ѓорѓиев кој живее во Делчево, сè уште полага надеж дека ќе го види својот татко жив.

– Тоа што досега нема никаква трага ми дава надеж дека некаде се засолнил. Доколку нешто му се случило и паднал ќе се појавеше некаква трага, а вака сè уште живее надежта во мене дека ќе го видам пак, вели синот на исчезнатиот Ристо.

За исчезнувањето на Ристо Ѓорѓиевски свој коментар даде некогашниот инспектор во пензија Крум Николовски кој вели дека Ѓорѓиевски е последниот жител на делчевското село кое има две имиња.

– Косово Дабје или попознато како Шопје е село со две имиња, ама отсега без ниту еден постојан жител.

Во доцните 60-ти години на 20-тиот век имаше околу 270 жители. До пред 10 дена само еден, а сега ниту еден. Веројатноста да биде пронајден жив од ден на ден е сè помала. Типична судбина на македонските села, а богами и градови, вели Николовски во својот коментар по повод исчезнувањето на немоќниот старец.

Последниот постојан жител на Косово Дабје последен пат е забележан на 23 септември, носел жолто палто и пантолони и оттогаш никој ништо не слушнал за него. Сите што имаат каква било информација за Ѓорѓиевски неговиот син ги замолува да ја споделат на телефонскиот број 072-542-073.